Клучот на успехот на една држава (вклучително и воениот) е во образованието и културата – континуираност, ентузијазам, стимулација и поддршка на креативноста, особено во математиката, компјутерите, јазиците и културата, а не само финансиска трка…
Добар ден. Најважно во животот е да има мир. Сѐ друго е игра со ѓаволот и смрт. Империите одлучуваат. Што е четврти рајх? – Jus ad machina – животот е код и ресурс. А санкцијата е ескалација – мир нема. Ова што го кажувам не е мудрување, туку доживувања во енд-фестумот. Ми велат дека сум сам во „коментарите“ – точно е! Зошто да ги слушам оние што талкаат? Ги слушам како турбофолк. Животот е замор од журчења, фешти, чајанки, собиранки и пирови како кај Гетсби, Милер, Вулф, Рим, Шекспиради, ложи и Санхедрини. Кога си сам, откриваш, но стануваш уште посам.
За оружјето, образованието и науката…
Ајде сега да влеземе во проблемот. Минатата недела претседателот Путин и соработниците експлицитно кажаа дека почнува сериска продукција на софистицирани летачки и подводни системи – „буревестник“, „посејдон“, „авангард“, „сармат 1 и 2“, „осина РВ“, „кинзал“, „циркон“, „градиент ПБ“, „анчар“, „арктур класа“, „бореи класа“, „белгород“ итн. Паметно. Укажана е асиметрија во вооружувањето и тоа создаде „паника“ во светот, во САД, особено во Европа. Читав – точно е. Целта веројатно беше одреден психолошки притисок, да се влијае врз идните преговарања во одредени правци. Коментарите кажуваат дека Русија има сигнификантна предност во нуклеарното вооружување во однос на САД, а Европа е во „амбис“. Таа предност се однесува на бројот на боеви нуклеарни глави, но особено на „системите за испорака“ за кои на Западот ќе му требаат години и децении за да ја надминат, ако тоа воопшто е можно. Причината за тоа е „системска“ и јас ќе се обидам подоцна да дадам свое објаснување.
Второ навраќање на оружјата, заради образованието и науката
Но да се вратиме на оружјата. Некои од нив професорот Милиновиќ ги кажа пред неколку години, но сега се оперативни и сериски. Крај е за подземни градови и преемптивни војни! „Буревестник“ е аналогно на „нисколетачка нуклеарна подморница“, со „безбеден“ мини-реактор. Навигацијата е комплексна за да не се судри со верига од планини и ридови, бидејќи лета ниско (10-100 м) и е невидлива за радари. Навигацијата е сложена, од вградени елементи – оптички, сензорски, ласерски, компјутерски водени со АИ – со споредби на огромни бази податоци за географијата, геологијата, климата итн. (книга – Џефри Стрикланд, QCPINN 2025 метода – Atah Ferea), а и надворешни (сателитски, УСНИ њуз 2025). Инцидент значи „Чернобил“. Се планираат „роеви“ од „буревестници“ – невронска ескадрила (мултипен вектор) и може да се супервизира дел од светот. Западот е многу далеку од оваа опција. „Авангард“ е суперсонично летало – глајдер со брзина до 27 маха, а втора космичка брзина (за да излета од орбитата на Земјата) е 33 маха. Проблеми што се решаваат тука се брзина, забрзување (Циолковски), висина, прецизност, загревање, термална заштита, носивост и невидливост. Носач е суперсонична ракета (ICBM – R-36M2 и RS-28) до висина од 100 км, потоа се откачува и паѓа „како метеорит“. Експлозив – класичен или нуклеарен (до 2 Мт). Нови носачи се „сармат-28“, со по 3-6 „авангарди“. Еволуира во „градиент-ПБ“ и „аншор-ЕВ“, „скракрамџет“, „осина“ (повеќе глави, поголема мобилност, прецизност, нов лансер), „кедр“ итн. Американскиот „Ц-ХГБ“ (Locheed-Martin и Dynetics, брзина до 8 М) е во развој. Исто се најавува „дарк игл“ со брзина од 5М и домет до 2.300 км. Иран има суперсонична ракета „фатах-1“ со брзина од 15М, мултиглавска „кадр-Х“ и „растакиз“, многу опасни офанзивни оружја. Израел не произведува хиперсонично оружје (?), а финансиите ги концентрира на нов „штит“ веројатно со енергетски зрак. Доволно е? Со оглед на актуелните политики, таму (нема да ги дискутирам) состојбата е мрачна. Дроновите се „летачки командоси“ и следат „десантни армии“. Иран сам за себе не е толку опасен, колку што е „експортот“ на џихадистички групации низ светот, во чии игри се и службите од Запад и од Исток. И ние сме инфилтрирани и заокружени. Се лечиме со незнаење и очекувања дека НАТО решава сѐ. Во Британија речиси сите градоначалници се од овие групи, а сега го имаме и во Њујорк. Двојни игри? – Ќе видиме.
Трето навраќање на оружјата, и повторно заради образованието и науката
Се враќаме на оружјата: „посејдон“ – огромно, нуклеарно торпедо, со брзина од 100-180 километри на час, намена – рушење крајбрежни објекти. Планиран во склоп и на идните подморници „арктур“ и „кабардовск“. Српски извори ентузијастички велат дека создава цунами до 300-500 метри, што во литературата е невозможно вештачки (најголемото цунами од 500 метри во Литиа Беј е еквивалент на 5.000 атомски бомби, ранг на две „цар бомби“). Балтикот е „базен“ за плитководни подморници (НАТО = 130+, Русија = 30+). „Орешник“ е „ѕвезда на годината“, интермедиерна балистичка ракета со брзина од над 10М (6М за 90 секунди), на височина од 500-1.000 километри, домет 3-5.500 километри, 1-6 глави (МИРВ, МаРВ), на 10М има температура 8.000К (заштита – карбон-плочи, керамички оклоп и радиактивно ладење), навигација со ИНС, сателитски (ГЛОСНАСС) и гас-коректори, употребен (демонстративно) во Украина, поставени и во Белорусија и така стратешкиот баланс во Европа е поместен, со видливата економско-политичка конфузија, која ја гледаме. Други оружја – кинетички, електромагнетни, роеви, АИ-напредоци, кју-сензори, психотронски – остануваат за друг пат.
Навраќање само кон образованието и науката, затоа што тоа е клучот на
успехот на една држава и нација!
Мојот другар Николај Попов од Москва со кого кратко работевме во САД (НИХ) беше гениј и полимат. Одличен математичар, познавач на јазици и сешто – благодарение на „руската гимназија“. Мајка му беше Еврејка и народен херој на Советскиот Сојуз (се извинувам го заборавив името), а татко му полковник на КГБ (математички – би испаднало во време на Андропов како шеф, значи пред повеќе од 45 години). Вели – често со татко му летал на другиот крај од СССР со суперсоничен авион, за научни мисии и истиот или другиот ден се враќал. Го научив Николај како да заработува од читање новини во Вашингтон и тој, бидејќи беше попаметен од мене, стана многу богат. Отиде во Калифорнија и после не го видов. Значи – едукацијата во Русија (и Советскиот Сојуз) беше многу интензивна и веќе со средно школо си на ниво на инженер. Значи – учењето тогаш било императив. Ирина и Владимир Веил, кои работеле за Леонид Канторович, ги запознав во Бостон. И тие беа сезнајковци. Иако беа дисиденти, ми кажаа една неверојатна работа – дека најголема слобода во светот имаш ако си математичар или физичар во Советскиот Сојуз. Велеа „имаш неограничена слобода и можеш да публикуваш што сакаш“. Имале и посебни привилегии. Тоа богами на Запад го нема – за секоја идеја мене ми наоѓаа замерки и само Леон Купер и Хари Блум беа тие што прифаќаа. Страшна фрустрација. Исто како Николај, велеа дека руската гимназија е најјака во светот. „Е па зошто дојдовте во Америка каде што едвај најдовте работа и егзистенција?“ – ги прашав. Ми дадоа некои навистина апсурдни одговори и од пристојност не истражував длабоко. Заедно го изработивме солитонот на Давидов и на Фролих – модел како молекули влегуваат во клетките. Во СССР бев и порано, во 1965 г. Кога имав 15 години, ги сретнав таму Смилка Здравковска и Виктор Урумов, кои студираа математика и физика на „Ломоносов“ во Москва со големи луѓе. Додуша Смилка ја познавав од многу одамна. Големи луѓе, мултиталенти – секоја чест. Уште беа живи Лаврентиев, Там, Гинзберг, Богољубов, Беркович, Колмогоров, Новиков, Исаија Кантор, Савелјев, Гелфанд, Понтријагин, Громов, Шафаревич и Арнолд.
Професор д-р Самуел Садикарио Колономос
The post Клучот на успехот appeared first on Нова Македонија.

