Сеопфатен серијал за воспитно-образовниот процес како придонес кон јавната расправа за нацртот за Националната стратегија за образование 2026-2032 со Акционен план 2026-2028 (2)
Во рамките на јавната расправа за искажување одредени согледувања, анализи и ставови во врска со нацртот на Националната стратегија за образование 2026-2032 со Акционен план 2026-2028, доставен до јавноста, „Нова Македонија“ публикува серијал на текстови-опсервации од пензионираниот образовен инспектор Ѓорѓи Илиевски, како несебичен придонес за унапредување на горенаведената програма и акционен план во врска со образованието и воспитанието. Илиевски во своите анализи се осврнува на приоритетните области/столбови на воспитно-образовниот процес: 1. Предучилишно воспитание и образование, 2. Основно образование,
3. Гимназиско и уметничко образование, 4. Стручно образование и наука, 5. Потсредно образование, 6. Образование за возрасни и 7. Високо образование, наука и иновации. Во денешното издание го објавуваме второто продолжение
Анализата на состојбата на предучилишното воспитание и образование, според податоците на Државниот завод за статистика на Република Македонија (Установи за згрижување и воспитание на деца, детски градинки/центри за ран детски развој во 2023 година, 30.9.2023), покажува значителен јаз помеѓу актуелниот опфат (47 отсто за деца од три до пет години) и европската цел од 96 отсто. И покрај зголемувањето на капацитетите за 1.072 места, недоволниот опфат и нерамномерната застапеност, особено кај деца од ранливи групи и различни региони, остануваат клучни предизвици за системот. Во текот на изминатата година е забележан, како што се наведува во нацртот (НСО 2026-2032), пораст од четири отсто во вкупниот број запишани деца на возраст од три до пет години, што укажува на постепено зголемување на информираноста и интересот на родителите за значењето на раниот детски развој и важноста на институционалната грижа. За да се одговори на зголемениот интерес и да се надмине јазот во однос на европската цел, потребни се мерки за подобрување на пристапот во предучилишното воспитание и образование.
Што укажуваат податоците на Светската банка
Податоците на Светската банка од 2025 година укажуваат дека услугите за ран детски развој не се достапни за сите деца, постои мал опфат на деца од семејствата со гарантирана минимална помош – само 5,65 отсто. Во 2024 година само 12,7 проценти од децата под три години и 13,8 отсто од децата на возраст од три до шест години биле вклучени во предучилишното образование, што е четири пати помалку од просекот во Европската Унија (ЕУ) – 27 (56,1 отсто за 3-6 години). Според овие податоци, висок процент од децата се во ризик од сиромаштија или социјална исклученост (36,3 отсто под три години; 27,4 проценти над три години, „Евростат“). Тоа укажува на потребата од системски мерки за подобрување на достапноста на услугите за ран детски развој, со цел да се обезбедат еднакви можности за сите деца без оглед на социјалната и економската состојба на нивните семејства.
Што укажува извештајот на УНИЦЕФ од 2025 година
Во извештајот на УНИЦЕФ, „Гарантирање на фер шанса за секое дете: Анализа и препораки за спроведување на Европската гаранција во Македонија“, се истакнува дека вклученоста на децата со попреченост во предучилишните установи останува ограничена. Според податоците од извештајот, во 2024 година 71,5 отсто од градинките пријавиле дека згрижуваат деца со попреченост, што е речиси идентично со стапката од 2018 година (68 проценти). Вкупниот број на деца во градинките е далеку под меѓународниот просек, според кој околу четири отсто од децата на возраст до четири години имаат некаква форма на попреченост. Најчесто се застапени комбинираните попречености, аутистичниот спектар и интелектуалните попречености, при што девојчињата се помалку застапени, што укажува на можен родов дисбаланс… Само една третина од градинките имаат обучен кадар за работа со деца со попреченост, а помалку од половината располагаат со специјален едукатор.
Автор: Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор во пензија
продолжува
The post Што покажуваат анализите за состојбата на предучилишното воспитание и образование appeared first on Нова Македонија.
Што покажуваат анализите за состојбата на предучилишното воспитание и образование

