Една од вредностите на вчерашниот изумрен свет, која сè поретко се сретнува, е прашањето. Мислам на вистинското прашање, она невиното, кое се јавува во три вида: 1. сака да дознае нешто (прашање на дете или на залутан патник): 2. да поттикне на размислување (прашање на вистински професор) и 3. да оствари емотивен однос со прашаниот (прашања за зближување). Сè помалку има вакви прашања, па прашањето како форма на говорен чин исчезнува. Веќе не застануваме со автомобил да прашаме каде е некоја улица: дигиталните мапи нè водат до саканата „дестинација“ без да контактираме со човек. Нашите деца, кога нешто не им е јасно, не ги прашуваат ни учителите ни родителите, туку прашањата ѝ ги поставуваат на вештачката интелигенција. Главно, машините одговараат на прашања, луѓето сè помалку. Стануваме кибернетичка заедница, во која прашањата ја губат и својата човекова, емотивна суштина. Прашањата (тоа комуниколозите го знаат) не служат само за да се добие информација, туку имаат и емотивна вредност. Ако прашањето „колку е часот?“ ѝ го поставам на девојка што ми се допаѓа, а не се знаеме, тоа не значи „колку е часот?“, туку значи желба за запознавање. Постојат милијарда прашања што можат да ѝ се постават на машината АИ и таа да даде проверен одговор. Но постојат и прашања што можат да им се постават само на луѓе, а од чиј одговор зависи односот меѓу две личности. На пример, прашањето „ме сакаш ли?“ е прашање на кое машината, дури и да даде позитивен одговор, не раѓа никаков чувствен однос меѓу прашувачот и прашаниот.
The post Изгубената невиност на прашањето appeared first on Нова Македонија.

