Дали знаењето го прави човека да вреди повеќе? Што е поважно – знаење, искуство или традиција? Можеме ли да станеме водечка метаинтелигенција, авангарда или ќе си офкаме и офкаме оти светот не чини? Дали знаењата на дедовците или прапрадедовците вредат? Колку знаење? Оф-оф-ооооф колкава ЗОО-градина од прашања. Помогнете! Ајде мислете, прашувајте… сите треба да мислат!
Човекот се раѓа слободен, а потоа дигитализира. Внуците се дигитални монаси. Државите стануваат дигитални-Ки Мил-феуди. Сакате децата да ви бидат вундеркинди? Поважно е да преживеат. Прашања на денот се следните: Зошто е важна едукацијата? Зошто нашите ученици имаат слаби меѓународни резултати? Дали следните генерации ќе бидат АГИ-машини? Како се живее со „суперинтелигентни“ машини во сингуларност и субитизам? Може ли АИ да има грижа, просветлување и вера? А фанатизмите? Што „вреди“ повеќе – знаењето на Западот, Истокот или џихадот? Имаме ли некое свое знаење? Има ли еволуција? Дали да се плашиме од трансхуманизмот? Дали лошата едукација условува младите да си одат во странство? Ќе останат ли ако го зајакнеме школството? Дали знаењето го прави човека да вреди повеќе? Што е поважно – знаење, искуство или традиција? А приватизација („втора медицина“)? Можеме ли да станеме водечка метаинтелигенција, авангарда или ќе си офкаме и офкаме оти светот не чини? Дали знаењата на дедовците или прапрадедовците вредат? Колку знаење? Оф-оф-ооооф колкава ЗОО-градина од прашања. Помогнете! Ајде мислете, прашувајте… сите треба да мислат! Колективното мислење создава свет, како што би рекле во титоизмот – „сите во одбрана и заштита на знаењето“. Еј, дали факторите за образование се уплашени… Ајде де, па јас би бил десет пати поуплашен од вас. Иако сум стара машина кон крајот на патот, уплашен сум од сопственото незнаење. Еве, ми купија нов компјутер за да не бидам „диносаурус“, прекрасно… а додека го научам, ќе излезат десет нови генерации. Е па, замислете да сум учител. Учениците ќе знаат повеќе од мене, оти нивните мозоци се десет пати побрзи од мојот. И што ќе правиме? Курсеви, континуирана едукација, работилници, тра-тра-траааа… А супресијата? Да-да супресија Балканска.
Креативноста е најважна – концепт, подобрување, дивергентност, персонализација, „педагогија на чудото“. Размислувај поинаку од другите. Како може подобро? (Книги: Scott Thorpe – How to think like Einstein, Maria Konnikova – How to think like Sherlock Holmes, Maasaki Imai – Kaizen). Хераклит вели дека животот е војна, секој ден. „Креативноста е див ум и прецизно око“, вели Дороти Паркер. „Мисли дека си гениј – и ќе станеш“ – Салвадор Дали. „Креативноста е забава со интелигенција и имагинација“ – Ајнштајн. Моцарт вели дека генијалност не е интелигенција или голем талент, туку љубовта. „Љубовта е најголема во невоља“ – Леонардо. Тесла вели: „Ум не сум јас, туку вибрација од универзумот“. Цени сѐ што прават гениите и направи го поинаку. Хуморот е генијалност. Дали денес си смислил некоја генијалност? Кога си во мака, нема спас без креација. А таа се вежба, како спорт, кондициски тренинг или акробација. Школото треба да цени креативност, а не папагалство. Во нашето детство – ние бевме „папагал-грамофони“ – моравме да го повторуваме она што професорот го бараше од нас. Сакам факултет за „street smart“ велеше еден мој другар, генијален физичар од Египет. Копирај само ако мислиш да направиш подобро. И знај дека нештата се аналогни, променливи, комплексни, циклични и убави. Естетиката е стимулација на мозокот. Неиновативноста не е естетска.
Дали религиите влијаат? Да, традиција е егзистенција. Верата може да го врати Македонецот. Нели Исус бил учител? Прочитајте ја „Q“, „Quelle“, збирка на изреките на Исус. Како агресивните и диви германски и нормански племиња станаа најразвиените нации во Европа? Или Варингианите во Киевска Русија пред христијанството, а после Олга, Олег и Владимир станале огромна и важна христијанска земја. Со верата. Македонија е важна за сите религии, особено христијаните, исламот и јудаизмот. Затоа јас предлагав нејзиното име да биде Светата Земја Македонија. Македонизмот каков што е сега го создадоа црквата и свештениците. Примери се (имајте трпение, важно е): испосници, архијереји, исихасти, охридските пештерски манастири, Пештански, Трпејца, Калишта, Св. Стефан, потоа Преспа – Св. Илија, Маркови Кули (Скопје), Печанец, Катланово, Демир Капија, Градешница во Мариово и скитови, Зрзе, Змејова Пештера и Трескавец, Прилепско, потоа Лесново, Плачковица, Варлам, Осогово, Малешево, Вељуса, Водоча, потоа на Матка – Никола и Андреј Шишевски и многу други. Не заборавајте ја „Македонската ренесанса“, која се учи во светот, од Палеолошката заложба – Св. Пантелејмон (Скопје), Курбиново, Охрид – Св. Богородица, Св. Богородица Перивлепта, Св. Софија, потоа Матка – Никола Шишевски и Св. Андреј, Марков манастир, Лесново, Матејче и Зрзе (в. книга „Цркви и манастири во Македонија“ и Вера Јоциќ, Тримакс). Ако ги почувствувате – Бог ќе ве врзе за светата земја Македонија. Од овој свет излегуваш од каде што си влегол – од ништо во ништо. Пештерата е повредна од палата. Кога имав само пет години, еден охридски свештеник (му го заборавив името, но мислам дека беше Стефан) ни одржа лекција за македонскиот јазик, со таква импресија што ми стана јасно дека црквата го одржала чист, ваков свет низ векови. Неколку значајни свештеници, учители, испосници и исихасти се: Св. Климент и Наум, Св. Еразмус, Јоаким Осоговски, Јосиф Исихаст (и други исихасти до денес), Калистрат Зографски, Владимир Санџаковски, Партениј Зографски, Кирил Пејчиновиќ, Спасе Игуменов, Јоаникиј Ракотински, Харитон Карпузов, Вељо Манчевски, Партениј Бигорски, Поп Богомил, Александар Цандовски, Јоаким Крчовски и многу несвештени просветители. Македонија е Вардарски Атос. Овој список секако е мал – тема за експерти, но и душа на други пријателски конфесии. Можеби во школите најмалку една година по предметот Историја треба да ѝ се посвети на Македонија. Поентата е дека љубовта кон Македонија се историјата и верата. Еврејската религија ги држела Евреите со милениуми, преку љубовта ерусалимска. Учете и овде, за Македонија да биде жива.
Проф. д-р Самуел Колономос Садикарио
The post Едукација – скулптура на идниот човек appeared first on Нова Македонија.

