Државниот секретар на САД Марко Рубио на Минхенската безбедносна конференција
истакна дека САД не се обидуваат да се оддалечат од Европа туку да внесат нов
живот во старото пријателство.
> „Сакаме Европа да биде силна. Веруваме дека Европа мора да преживее бидејќи
> двете големи војни од минатиот век служат како постојан потсетник дека на
> крајот нашата судбина е и засекогаш ќе остане испреплетена со вашата“,
>
> порача Рубио.
Тој ги потенцира долгогодишните историски врски меѓу САД и Европа тврдејќи дека
неговата земја посакува сојузници доволно силни никој да не може да ги тестира.
Руби рече дека и покрај наводите за крај на трансатлантската ера, тоа не е цел
на САД.
> „И денеска сум тука за јасно да кажам дека Америка го отвора патот за нов век
> на просперитет. И дека уште еднаш сакаме да го направиме тоа заедно со вас,
> наши драги сојузници и наши најстари пријатели“,
>
> кажа американскиот државен секретар.
Рубио во говорот се осврна и на миграцијата, која според него ја дестабилизира и
Европа.
> „Масовната миграција не е и никогаш не била мал периферен проблем. Таа била и
> продолжува да биде криза што ги трансформира и дестабилизира општествата низ
> целиот Запад“,
>
> рече Рубио.
Тој наведе дека САД, под водство на претседателот Доналд Трамп повторно ја
преземат задачата за обнова и реконструкција и бараат сериозност и реципроцитет
од пријателите во Европа.
> „Бидејќи ние во Америка немаме интерес да бидеме полицајци и набљудувачи на
> контролираниот пад на Западот. Не се стремиме да разделуваме, туку да ги
> оживееме старите пријателства и да ја обновиме најголемата цивилизација во
> човечката историја“,
>
> рече Рубио во неговиот говор.
Тој најави и дека САД ќе продолжат да се залагаат за мировен договор во Украина,
но мора да се осигураат дека Русија навистина сака да ги запре борбите.

