Американската технолошка компанија Nvidia излезе со амбициозна прогноза дека приходите од нејзините водечки чипови за вештачка интелигенција би можеле да надминат една милјарда долари до 2027 година, потврдувајќи ја експлозивната побарувачка за компјутерска моќ во ерата на AI.
Извршниот директор Џенсен Хванг ја презентираше оваа проценка за време на главното обраќање на годишната технолошка конференција 2026, каде беа претставени нови производи и технолошки решенија.
Според него, побарувачката за компјутерска обработка пораснала дури милион пати во последните две години, тренд што го чувствуваат компании и стартапи ширум светот. Клучниот двигател на растот се новите генерации чипови како „Blackwell“ и најавениот „Vera Rubin“, кој се очекува во втората половина на 2026 година.
Овие проекции доаѓаат во момент кога инвеститорите бараат дополнителни докази дека силниот раст на приходите ќе биде одржлив и во иднина. Чипот „Blackwell“ го носи името по математичарот Дејвид Блеквел, додека новата генерација е инспирирана од астрофизичарката Вера Рубин.
Nvidia истовремено најави и проширување на бизнисот на пазарот на централни процесори (CPU), со што директно влегува во конкуренција со Intel и AMD. Новиот CPU „Vera“ ќе биде наменет за работа во сложени AI дата центри и оптимизиран за поголема енергетска ефикасност.
Компанијата претстави и нов чип за забрзување на AI системите, особено за генерирање одговори во реално време. Производството ќе го реализира Samsung Electronics со напредна технологија од четири нанометри, што овозможува поголема моќност и помала потрошувачка на енергија.
На конференцијата беа најавени и нови партнерства со компании како IBM, Hewlett-Packard и Adobe, додека соработката со Uber за автономни возила е продолжена до 2028 година.
И покрај оптимистичките прогнози, реакцијата на пазарот беше умерена. Акциите на Nvidia прво пораснаа, но подоцна делумно ги загубија добивките, што укажува дека инвеститорите остануваат претпазливи околу долгорочната одржливост на трендот.
Конференцијата GTC 2026 се одржува од 16 до 19 март во Сан Хозе и поради своето значење во американските медиуми е наречена „Вудсток за вештачката интелигенција“.
Nvidia очекува приход од AI чипови од над една милјарда долари до 2027 година

