Кампањата за лекување на осумгодишната Ана Јованчева официјално е затворена,
откако за само шест часа беа собрани 3,1 милиони денари, објави доктор Ненад
Лазаров.
Станува збор за една од најбрзите и најмасовни хуманитарни акции во последниот
период, со што целосно се обезбедени средствата потребни за хируршката
интервенција и лекувањето во странство. Со ова, како што посочи Лазаров,
семејството на Ана е барем финансиски растоварено во најтешкиот период од
нивниот живот.
Ана има дијагностициран редок и исклучително агресивен тумор на синусите – Tu
Foss pterygopalatina Sinus sphenodalis lat dex et orbitae lat dex, со зафатена
орбита. Дијагнозата е потврдена во Хрватска, каде што се бара специјализиран
хирург за изведување на сложената и деликатна операција.
Болеста е сериозна и со висок ризик, а времето беше клучен фактор, поради што
кампањата беше означена како најитна досега. Масовниот одѕив на граѓаните за
неколку часа покажа силна солидарност и сплотеност кога е во прашање животот на
дете.
„Секоја среќа ти посакуваме, Ана. Цела држава стана за тебе“, порача Лазаров,
додавајќи дека поддршката за девојчето и нејзините родители ќе продолжи и во
наредниот период.
Хуманост на дело, за само шест часа собрани 3,1 милиони денари за лекувањето на малата Ана

