Денеска, Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) го одржа своето редовно годишно Собрание. На Собранието присуствуваа 61 од вкупно 65 делегати, при што беа усвоени следните значајни одлуки:
-Завршната сметка за 2025 година
– Буџетот за 2025 година
– Новиот Статут на ФФМ
– Одлука за овластување на Управниот одбор на ФФМ за донесување на Стратегија за развој на ФФМ 2026-2030
УЕФА и ФИФА направија детална анализа на нашите статутарни одредби и укажаа на области кои треба да се усогласат со меѓународните стандарди. Во заедничкиот процес беше утврдено дека значителен дел од Општинските фудбалски сојузи се нефункционални или постојат само формално.
Затоа, новиот модел предвидува регионализација, решение кое ќе создаде функционални структури, подобра застапеност и повисоко ниво на транспарентност.
По 15 години, Фудбалската федерација на Македонија добива нов Статут, документ кој не е само формалност, туку темел на системското функционирање. Статутот е изработен во координација со УЕФА и ФИФА, што гарантира усогласеност со највисоките меѓународни стандарди. Со него се воведува поголема транспарентност, јасна распределба на одговорности и функционален систем на одлучување. Ова значи крај на импровизациите и почеток на институционална стабилност.
Фото: ffm.mk
Омерагиќ: Нашата визија е стабилен, конкурентен и модерен фудбал, заснован на реални основи и јасни правила
-До последната пререгистрација биле регистрирани 44.996 фудбалери во машка конкуренција. После пререгистрацијата бројот на машки фудбалери е 14.210. Во следниот период ќе се утврди точната бројка и во женска конкуренција. Тоа не е мала грешка. Тоа е системска манипулација. Со новиот Статут, тоа завршува. Нема повеќе клубови што постојат само на хартија. Нема повеќе лажни записници. Нема повеќе фиктивен систем.
Во период од само еден месец, од ноември до декември 2024 година, еден месец пред да ја преземеме функцијата, потрошени се околу 5 милиони евра од средствата наменети за развој на фудбалот. Ние затекнавме таква состојба и не побаравме алиби. Почнавме да воведуваме ред. Само трошоците за хотелски, чартер летови и авионски карти ги намаливме за повеќе од еден милион евра. Секој денар гледаме каде оди. Затоа што овие средства не се ничии приватни, тие се на фудбалот.
Ова што го правиме не е козметика. Ова е пресек. Од систем без контрола, кон систем со правила. Од фикција, кон реалност. Ќе продолжиме со реформи, со ред и со јасни правила. За фудбал што е чесен, регуларен и достоен за сите што го сакаат. Паралелно со овие реформи, ја започнавме подготовката на новата четиригодишна стратегија за развој на фудбалот. Нашата визија е стабилен, конкурентен и модерен фудбал, заснован на реални основи и јасни правила. Фудбал што создава играчи, гради клубови и враќа доверба кај навивачите. Систем што не зависи од поединци, туку функционира самостојно, одржливо и во интерес на спортот. Целта е да ја зголемиме базата почнувајќи од најмала возраст, од грасрут активности се до професионалниот фудбал – рече претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ.
The post ФФМ по 15 години добива нов Статут, документ како темел на системското функционирање appeared first on Слободен печат.
ФФМ по 15 години добива нов Статут, документ како темел на системското функционирање

