Шефот на украинската дипломатија Андриј Сибиха на Минхенската безбедносна
конференција изјави дека завршувањето на војната помеѓу Русија и Украина е
„нереално“ без американскиот претседател Доналд Трамп.
Тој на панелот „Во фокус – безбедносните гаранции за Украина“ посочи дека во Абу
Даби се одржаа три рунди разговори во трилатерален формат – Украина, САД и
Русија.
– Напредуваме. И сме благодарни на нашите американски пријатели, бидејќи без
Трамп е нереално да се стави крај на оваа војна. Под американско водство, можеме
да постигнеме напредок, но во исто време мора да продолжиме да вршиме притисок
врз Русија – наведе Сибиха.
Според него, Русија не покажува подготвеност за сериозни преговори.
– Наместо тоа, украинската страна има остварливи предлози. Она што сега го имаме
е дека Американците се вклучени во процесот, што е одлично. Под личното водство
на Трамп, имаме шанса да ги забрзаме мировните напори. Украина е подготвена со
своите изводливи предлози. Секако, нема мировни договори на сметка на нашиот
територијален интегритет и суверенитет, посочи Сибиха.
Тој, исто така, изрази надеж дека следната рунда разговори ќе се фокусира на
акција, а не на реторика.
Не станува збор за самиот процес, сега е време за акција и конкретни чекори,
посочи Сибиха.
Сибиха: Нереално е завршување на војната во Украина без Трамп

