Еден помалку познат планински венец во северна Шпанија, според порталот „Тајм аут“ е прогласен за најубаво место на планетата, надминувајќи ги дури и светски познатите Алпи, Анди и Хималаи.
Се работи за Пикос де Европа, односно Врвовите на Европа, планински венец кој е дел од Кантабријските планини и се протега низ Астурија, Кантабрија, Кастиља и Леон, на само дваесетина километри од морската обала. Неговиот највисок врв, Торе де Серредо, достигнува 2650 метри надморска висина и сега се најде на врвот на листата на најубави светски локации.
– Пикос де Европа е вистинско чудо на природата, но и предел од исклучителна убавина. Планините стрмно се издигнуваат од морето, па од видиковците не се гледаат само длабоки клисури и остри врвови, туку и блескави појаси на плажи и бурното Кантабријско море – напиша уредникот на „Тајм аут“, Ед Кенингем.
– Во националниот парк се наоѓаат и бројни други природни и културни знаменитости: впечатливиот врв Нарањо де Булнес, старите планински села Сотрес и Каин, светкавите глацијални езера Ковадонга, како и истоимено светилиште и место за поклонение врежано во карпата над водопадот – додаде тој.
За посетителите кои ќе се упатат кон Пикос де Европа, Кенингем препорачува популарната планинарска патека Рута дел Карес. Оваа патека долга 23 километри низ кањон, која минува покрај стрмни карпи и водопади, е една од најпознатите во тој регион.
Десетте најубави места на светот според „Тајм аут“:
На прво место се наоѓа шпанскиот Пикос де Европа, потоа следи Националниот парк Комодо во Индонезија. На третото место е Морганова библиотека и музеј во Њујорк, а на четвртото долината Доро во Португалија.
Листата ја заокружуваат Биг Сур во САД, езерото Улсвотер во Англија, стариот град Болоња во Италија, ртот Капо Теста на Сардинија, Викторијини водопади во Африка и долината Пунака во Бутан.
The post Ова место е прогласено за најубаво во светот – се наоѓа во Европа и е чудо на природата appeared first on Слободен печат.
Ова место е прогласено за најубаво во светот – се наоѓа во Европа и е чудо на природата

