На крајот од оваа бесмислена војна се појави зрак надеж. Тоа е луда надеж, бидејќи повеќето војни завршуваат со катастрофа, но таа сепак постои. Во време на очај и тоа е доволно. Оваа војна би можела да доведе до судбоносен пресврт во односите меѓу Соединетите Држави и Израел. Што било, било. Додека граѓаните на Израел се гордеат со соработката на двете земји и нивните пилоти на небото над Техеран, веќе се навлекуваат темни облаци.
Колку што неуспехот на војната станува поочигледен и колку што е појасно дека Америка нема поим како да се извлече од неволјата во која се впуштила, толку побрутална ќе биде потрагата по виновници. Извесно е дека таа ќе биде еднострана. Америка целата вина ќе ја префрли врз Израел, што би можело да предизвика домино ефект во земјите што едвај чекаат да пукнат врските меѓу Израел и САД. Кога ќе престанат воените дејства, Израел би можел да се најде во нова улога на некаква локална Северна Кореја, изолирана, отфрлена земја, лишена од американската поддршка без која не може да опстане.Нездравите темели на односите меѓу Соединетите Држави и Израел одамна требаше да се отстранат. Заедничкиот интерес е основната врска меѓу нив. Поделбата на улогите со текот на времето стана толку замаглена што веќе не е јасно која од двете земји е суперсила. Израел правеше што сакаше, а огромната помош пристигнуваше без никакво условување.

