Претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, се осврна и на едно од најчувствителните прашања што ја одбележаа изминатата година од неговиот мандат.
Станува збор за сомнежите за местење натпревари во домашните првенства – Прва македонска фудбалска лига и Втора македонска фудбалска лига – тема што предизвика силен интерес и реакции во јавноста.
Омерагиќ најави дека Федерацијата наскоро ќе излезе со детални и транспарентни информации, нагласувајќи дека веќе постои активна координација со надлежните институции околу спорните случаи.
„По добиени пријави и сигнали од релевантни фудбалски тела, одреден број натпревари на кои постојат сомнежи за нарушување на интегритетот се ставени под сериозен мониторинг. Сакам да потенцирам дека сите материјали доставени од надлежните институции се предмет на тековна обработка. По завршување на постапките од страна на дисциплинските органи, целосно се обврзуваме резултатите да бидат јавно објавени. Тука ќе одиме до крај, без калкулации“, истакна Омерагиќ.
„Има индиции за наместени натпревари, и тука ќе се оди до крај, без калкулации!“

