Само во последните 24 часа полицијата регистрирала седум пријави за семејно насилство низ државата, а три лица биле лишени од слобода. Случаите се пријавени во Струмица, Кавадарци, Кичево, Скопје и Прилеп, што повторно покажува дека семејното насилство не е изолиран инцидент, туку постојан и широко распространет проблем што секојдневно се појавува во полициските билтени. Во Струмица биле приведени 34-годишен маж и 29-годишна жена по пријава за физички напади во домот. Жената претходно пријавила дека била нападната од сопругот, додека тој тврдел дека бил нападнат од нејзиниот партнер. Во Кавадарци, пак, 41-годишен маж бил приведен откако партнерката пријавила дека ѝ забранувал да го напушти домот, ѝ се заканувал и ја влечел за рака. За двата случаи е известен јавен обвинител и се најавени соодветни поднесоци по нивното документирање. Во Кичево сопруга пријавила физички напад од својот маж, а во Скопје, на подрачјето на Бит Пазар, 84-годишна жена пријавила дека била нападната од 87-годишниот сопруг. Во друг случај во Кисела Вода, 52-годишна жена пријавила напад од сопругот, додека во Прилеп 25-годишна жена пријавила дека била физички нападната од свекрвата. Дополнително, уште еден случај во Кисела Вода вклучува 34-годишен маж кој пријавил дека бил нападнат од својата партнерка. Заедничко за сите овие случаи е што насилството повторно се појавува во просторот што формално треба да значи сигурност, домот и семејството. Затоа бројката од седум пријави за само едно деноноќие не е само дневна статистика, туку јасен показател колку често насилството останува дел од приватниот живот, сè додека не заврши во полициска пријава.
Жените се охрабрија, само за 24 часа седум пријави за семејно насилство

